Мисијата „Мундобаскет 2023“ за македонските кошаркари започнува денеска од 19 часот и 30 минути во СЦ „Јане Сандански“ против актуелниот светски шампион Шпанија, дуел кој за прв пат ќе биде одигран во Македонија, и на кој „црвено-жолтите“ ќе ја бараат првата победа против „црвената фурија“ во историјата.
Со Шпанците досега одигравме шест натпревари од кои само еден официјален, овој неверојатниот во полуфиналето од Европското првенство 2011 во Литванија, а останатите се пријателски, одиграни на Пиринејскиот полуостров.
Првиот од нив кој беше одигран во Флуенбрада, а заврши со победа на домаќините од 74-66 е во 1999 година кога на чело на репрезентацијата беше Заре Марковски. Дуелот беше предвесник на историското Европско првенство за македонската кошарка која во своите редови ги имаше Петар Наумовски, Врбица Стефанов, Владо Илиевски, Ѓорѓи Чековски, Мирза Куртовиќ, Марјан Србиновски, Игор Михајловски, Тодор Гечевски, Дејан Јовановски, Срџан Станковиќ, Перо Блажевски и Душан Боцевски.
Следните две пријателски средби беа одиграни во 2013 година во Сантјаго де Компостела и Леон. Во овие средби неизвесен беше само првиот меч во кој претрпевме пораз од 66-61, додека во вториот домаќините ја потврдија фаворитската улога и славеа со 77-55.
Исто како и оној дуел во 1999 година, истиот беше подготовка за Евробаскетот 2013, а за Македонија настапија: Александар Костоски, Владо Илиевски, Дарко Соколов, Лестер Бо Мекејлеб, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Владимир Брчков, Тодор Гечевски, Перо Антиќ, Стојан Ѓуроски, Ѓорѓи Чековски и Предраг Самарџиски, а предводник на нашата селекција беше Алеш Пипан.
Последен пат кога се сретнавме со Шпанија беше пред шест години на пријателските натпревари во пресрет на Евробаскетот 2015 година. Овие средби беа одиграни во Мадирд, односно Логроно, а забележавме убедливи порази од 94-64, односно 88-54.
Нашиот тим тогаш го предводеше Марјан Србиновски, а настапија: Александар Костоски, Владо Илиевски, Дарко Соколов, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Владимир Брчков, Марко Симоновски, Љубомир Младеновски, Бојан Трајковски, Стојан Ѓуроски, Ричард Хендрикс и Предраг Самарџиски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА