Шкендија испиша нови страници во историјата на македонскиот клупски фудбал како прва екипа што успеала да обезбеди пласман во нокаут фазата од едно европско натпреварување. Тетовци ќе презимат во УЕФА Конференциската лига откако вечерва загубија од АЕК Ларнака со 1-0, но останатите резултати од последното коло беа во полза на македонскиот првак кој на крајот се најде на посакуваното место, во Топ 24 од Конференциската лига и во февруари ќе разигрува во првата нокаут-рунда од ова натпреварување.
Мечот почна со подобра игра на македонскиот тим кој ја имаше и првата шанса преку Вебстер, но голманот на АЕК со многу мака успеа да ја отстрани опасноста. Шкендија добро парираше во текот на целото прво полувреме, но имаше и многу среќа во финишот од првиот дел кога ВАР го поништи голот на домашниот тим по еден каранбол во шеснаесетникот на тетовци.
Почетокот на вториот дел донесе огромен проблем, откако на Латифи во 50. минута му беше покажан директен црвен картон. Иако со играч помалку на теренот, тетовци одлично се бранеа, а на десетина минути до крајот имаа и убава шанса преку Зејнулаи, но ударот на овој фудбалер во последен момент беше изблокиран.
За жал, 82. минута донесе и гол во мрежата на Шкендија, Карол Ангиелски се најде на вистинското место по еден корнер и го матираше голманот на тетовци.
Без оглед на примениот гол, тетовци знаеја дека имаат резултат што ги води во нокаут-фазата, умешно ги затворија приодите за да не ја влошат гол-разликата и на крајот имаа причина за славје и покрај минималниот пораз – испишана историја и најдобар резултат на еден македонски клуб во европските натпреварувања на УЕФА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

