Историјат: Македонија на ЕП – најдобри бевме во Скопје, најслаби во Ниш

Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска го почнува настапот на својот шести европски шампионат за ракомет за жени, прв по пауза од десет години.

Првото учество на европските шампионати македонската репрезентација го имаше во 1998, на ЕП што се одржа во Холандија и од кое дел беа 12 селекции. Дебито го имавме на 11 декември 1998 година против моќната Данска, дуел што го загубивме со 37-21 (полувреме 19-10). Во второто коло следеше пораз од Норвешка со 23-27, а првата победа на европските шампионати ја забележавме против Шпанија, со резултат 27-22, меч на кој најефикасна беше Валентина Радуловиќ со осум погодоци.

Радуловиќ блесна и на наредниот меч, на кој постигна девет погодоци за триумф над Русија од 25-23, а во последното коло следеше убедлив пораз од Полска од 27-15, по што Македонија го освои осмото место на овој европски шампионат.

Две години подоцна европскиот шампионат се одржуваше во Романија, а Македонија повторно беше дел од елитата во женскиот ракомет. Првенството го почнавме со голема победа над Данска од 20-19, иако на полувреме постигнавме само пет погодоци (5-9). Шест гола на овој меч постигна Клара Боева, а пет Абрамова. Следеше и реми со домаќинот Романија, но потоа и неочекувано убедлив пораз од Украина од 19-27. Во четвртото коло ремизиравме со Белорусија (27-27), за во клучниот меч да биде претрпен пораз од Норвешка од 31-28. Во дуелот за разигрување за седмото место во драматичен меч по продолженија загубивме од Југославија со 39-38. Боева беше најдобар стрелец на Македонија на овој меч со десет погодоци, а исто толку на спротивната страна реализираше Медвед.

По шест години пауза, Македонија во 2006 се враќа на големата сцена со настап на ЕП што се одржа во Шведска. Триумфот над Србија беше доволен за пласман во главната рунда, но Македонија ги загуби сите останати натпревари (од Унгарија, Австрија, Норвешка, Германија и од Полска) и го заврши шампионатот на 12. позиција.

Најдобриот пласман на европските шампионати го имавме во 2008 година, кога бевме и домаќини на ова натпреварување. По почетниот пораз од Германија следеа големи победи над Хрватска (31-29) и над Србија (31-30), за освојување на второто место и пласман во следната рунда. Таа фаза ја почнавме со убедлив пораз од Русија од 43-24, по што во следното коло загубивме и од Шведска со 23-24, по што последната победа над Белорусија (29-24) беше доволна само за седмото место на шампионатот.

Македонија за последен пат беше дел од едно Европско првенство во ракомет за жени во 2012 година, на шампионатот во Србија на кој бевме дел од групата во Ниш. И тогаш како и сега во премиерниот дуел игравме со Франција, губејќи со убедливи 29-16, за во втората рунда да следи и пораз од Шведска со 26-15. Шампионатот во исклучително тешката група го заокруживме со пораз од Данска со 37-30, меч на кој Портјанко и Црвенковска беа најефикасни со по седум погодоци.

Се вчитува...