Историјата се повторува: Седмата сезона секогаш е „проклета“ за Јирген Клоп

Ливерпул се наоѓа во огромна резултатска криза, тимот што лани до самиот крај на сезоната атакуваше на четири трофеи (на крајот освои само два) само неколку месеци подоцна делува непрепознатливо. „Црвените“ моментно се десетти на премиерлигашката табела со огромно заостанување зад ривалите за титулата, најдобрите фудбалери се далеку од топ-форма, а Јирген Клоп не делува како да има идеја како да излезе од големата криза.

Изненадувањето е големо за многумина, но оние кои внимателно ја следат кариерата на Јирген Клоп потсетуваат дека седмата сезона во ист клуб на овој одличен стратег секогаш носи и големи проблеми за него.

За потсетување, Клоп тренерската кариера ја почна во Мајнц, во сезоната 2000/2001. Тимот беше закован на дното на табелата, но Германецот победи на шест од првите седум натпревари и успеа да обезбеди опстанок на Мајнц во втората лига. Тој полека, но сигурно ја наметнуваше својата „пресинг-филозофија“, благодарение на која обезбеди и влез во елитното друштво во 2004 година. Во првата сезона во Бундес-лигата тој обезбеди излез во европските купови со Мајнц, но веќе во втората испадна од Бундес-лигата. Наредната, седма сезона, тој беше решен да остане и да го врати клубот експресно меѓу елитата, но откако не успеа во тоа, Клоп во 2007 година си замина од кормилото на Мајнц.

Јирген Клоп во мај 2008 година потпиша договор да стане тренер на Борусија Дортмунд, наследувајќи го Томас Дол кој имаше катастрофален резултат со 13. освоено место во Бундес-лигата. Тој успеа да ги воскресне „милионерите“, кои под негово водство освоија две титули во Бундес-лигата, стигнаа и до едно финале во ЛШ (кое несреќно го загубија во финишот од Баерн Минхен). И повторно седмата сезона беше кобна за Клоп, кој не успеа да најде решение за огромната криза на Борусија. На крајот „милионерите“ го освоија само седмото место во Бундес-лигата, а последен меч на Клоп како тренер на овој тим беше финалето од Купот на Германија што екипата од Дортмунд го загуби од Волфсбург со 1-3.

Потоа следеше одмор од фудбалот, за Јирген Клоп пред седум години да го прифати предизвикот наречен Ливерпул. Овој циклус е максимално успешен, со една титула во ЛШ и еден трофеј во Премиер-лигата, како и неколку куп-пехари на „црвените“ под водство на темпераментниот стручњак.

Сепак, на ред доаѓа седмата сезона, а во неа се повторува историјата за Клоп. Што е лоша вест за Ливерпул.

Се вчитува...