Македонската ракометна репрезентација ќе има историски високи премии, во обид да се мотивираат избраниците на Кире Лазаров да стигнат до добар резултат на претстојното Светско првенство што нашиот национален тим ќе го игра во Вараждин почнувајќи од 15 јануари.
Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, вети огромна премија од еден милион денари за секоја победа на нашите репрезентативци на овој шампионат. Притоа, Премиерот Христијан Мицковски по посетата на нашиот национален состав вети дека и Владата на Македонија исто така ќе издвои еден милион денари за секоја победа.
Практично, нашите ракометари ќе имаат два милиони денари по победа, мотив плус за да се стигне до добар резултат во Вараждин.
Македонија на 15 јануари во првиот меч од СП 2025 ќе се сретне со Унгарија, два дена подоцна за противник ќе ја има Холандија, а на 19 јануари ќе биде на програмата дуелот од третото коло против Гвинеја.
Победа над африканската селекција речиси сигурно ќе значи и пласман во главната фаза каде нашите ракометари би играле уште три нови натпревари, против најдобрите три селекции од групата Ц каде се наоѓаат Франција, Австрија, Катар и Кувајт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА