Историска промена: Нема веќе да има повторени мечеви во ФА купот

Од следната сезона нема повеќе да има повторени мечеви во ФА Купот, потврди Англиската фудбалска федерација.

Имаше најави дека повторените мечеви  ќе бидат од сезоната 2024/25 укинати за дуелите од третото коло, кога во натпреварувањето се приклучуваат екипи од Премиерлигата и Чемпионшип, но сепак беше одлучено повторените мечеви целосно да бидат укинати. Правилото за повторување ќе важи само во квалификациите.

Укинувањето е само еден од неколкуте чекори договорени од Фудбалската асоцијација и Премиерлигата во следните шест години.

Во иднина сите натпревари од ФА Купот ќе се играат за викенди, со исклучок на четвртото коло, во кое натпреварите ќе се играат од петок до среда. Во четвртото и петтото коло од ФА Купот нема да се играат натпревари од Премиерлигата.

Финалето на ФА Купот ќе се одигра на претпоследниот викенд од сезоната во Премиерлигата. На тој ден нема да се играат натпревари од Премиерлигата.

Паузата на средината на сезоната беше отстранета од календарот, со што се овозможи подоцнежен почеток на следната натпреварувачка сезона и можност играчите да добијат три врзани недели одмор.

Одлучено е и Комјунити Шилд натпреварот за сезоната 2024/25 да се одигра во сабота, 10. август 2024 година. Една недела подоцна ќе започне сезоната во Премиерлигата.

Се вчитува...