Историски срам за Германија, Хрватите се спасија и со пораз

Шпанија одигра феноменален натпревар понижувајќи ја Германија со преубедливи 6-0, со што „црвената фурија“ си го осигура и првото место во групата од Лигата на Нации.

Раниот погодок на Алваро Мората го најави доброто издание на Шпанците, но никој не веруваше дека избраниците на Јоаким Лев ќе бидат така надиграни и понижени. Беше поништен уште еден гол на Мората поради офсајд, но потоа работите во свои раце ги презеде Феран Торес, трипати матирајќи го Нојер. Еден гол постигна и Родри, а конечните 6-0 во финишот ги постави Ојарзабал.

Ова е првпат Германија да прими шест гола на еден официјален натпревар уште од СП 1958, кога оваа селекција беше поразена со 6-3 од Франција.

Франција рутински славеше над Шведска со 4-2, иако гостите први дојдоа во водство на овој меч. Жиру набрзо погоди за израмнување, Павар беше прецизен и „триколорите“ поведоа пред крајот на полувремето, а на 3-1 зголеми Жиру на асистенција на Мбапе. Шведска намали на 3-2, потоа во 93. минута и гостинскиот голман тргна во противничкиот шеснаесетник при еден слободен удар, но Коман го казни тоа и ги постави конечните 4-2.

Хрватска и покрај поразот од Португалија од 2-3 остана на третото место во групата, спасувајќи се од испаѓање од елитното друштво во Лигата на Нации. Голманот Ливаковиќ беше трагичар на вечерашниот натпревар, откако во самиот финиш по еден корнер од десната страна ја фати топката, но потоа се удри од Ловрен, топката му испадна, по што Дијаз ја смести во мрежата. Дефанзивецот Рубен Дијаз постигна два гола за Португалија, еднаш стрелец беше Жоао Феликс, додека двата погодоци за Хрватска беа дело на Ковачиќ.

Натпреварот меѓу Швајцарија и Ураина не се одигра откако УЕФА реши да го одложи по новите случаи на коронавирус во украинскиот состав.

Се вчитува...