Ракометниот вицешампион на Македонија, Алкалоид одигра реми 29-29 на гостувањето кај Ла Риоха во натпревар од второто коло во дебитантската сезона во Лигата на Европа. Алкалоид го имаа првиот напад во натпреварот, но Мартин Велковски повторно почна слабо како и на мечот против Војводина и од изгледна позиција успеа да го промаи цел гол.
Македонскиот вицешампион се мачеше во почетокот на целиот меч па по осум минути постигна само еден гол, а домаќините стигнаа за првпат до плус три (4-1). Избраниците на Кирил Лазаров конечно најдоа напаѓачки ритам па со серија од 3-1, успеаја по десет минути игра да дојдат на само минус еден (5-4). Алкалоид продолжи со одличната игра па со голот на Петковски во 14. минута нашиот тим успеа да стигне и до егал (7-7). Во следниот период домаќинот ќе побегнеше на два позитива, а гостите ќе се вратеа па по 24. минута резултатот беше (13-13). До крајот на првото полувреме шпанскиот тим повторно ги искористи грешките на „фармацевтите“ и на пауза заминаа со највисоките плус три (18-15).
Ла Риоха погоди во првиот напад во второто полувреме и успеа да стигне до највисоките плус четири 19-15. Како одминуваше времето Алкалоид повторно заигра подобро, ги искористи на најдобар можен начин грешките на противникот, па во 38. минута со голот на Џонов за првпат стигна до водство од 20-21, по што домашниот тренер мораше да го побара првиот тајм-аут. Трајковски продолжи да брилјира на голот, но неговите соиграчи пропуштија пет напади за да стигнат до плус два откако направија голем број грешки, а имаа и промашени зицери, по кои домаќините повторно стигнаа до израмнување 24-24.
Стравот беше главна карактеристика на ракометарите на Кире Лазаров, па откако не ги искористија своите шанси, поискусните домаќини во 54. минута стигнаа до плус три (28-25). Следа два гола во низа на Серафимов со кои гостинскиот тим повторно дојде на само минус еден во 57. минута (28-27). Следеше нова одбрана на Трајковски и нов погодок за Џонов, па натпреварот во последните две минути влезе во егал 28-28. Омерагиќ промаши чист шут во контра, па на 30 секунди до крајот Ла Риоха повторно поведе 29-28, а Алкалоид тргна во последен напад за израмнување. Одличната акција ја заврши крилото Петковски кој донесе израмнување 29-29 што беше конечен резултат.
Арно Бинго со седум и Џонов со шест гола беа најефикасни во таборот на Алкалоид, додека кај Шпанците Пресиадо Рамос постигна седум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА