Македонската млада репрезнтација го претрпе и вториот пораз во квалификациите за пласман на Европското првенство 2027 година во Србија и Албанија. Вечерва во Битола, за првпат под рефлектори Италија ги однесе трите бода, со само еден гол постигнат во првиот дел, и тоа во ситуација кога гостите имаа играч помалку на тренот. Македонија имаше добри шанси, особено во второто полувреме да избегне пораз, но недостасуваше завршница, нмеша удари кон голот на Мота, а оние кои ги имаше, завршија со негови одбрани. Имаа свои моменти избраниците на Горан Станиќ, премалку да се дојде до првите бодови и голови во квалификациите, додека Италијанците дојдоа до вториот триумф во групата.
Италија имаше подобар старт на натпреварот. Се играше главно на нашата половина, поседот на топката на страната на гостите, кои ја бараа шансата преку крилото Колеошо, кој правеше огромни проблеми по десната страна на Македонија. Неколкуте нафрлени топки и полушанси, Италијанците не ги искористија, а како одминуваше времето, и првите 15 минути, притисокот се намалуваше, па повремено се играше и на половината на „Азурите“.
Први возбудувања пред голот на Италија во 18. минута, Хамза центрираше директно кон голот, па Мота мораше да боксува во поле.

Прва посериозна закана од Италија стигна во 23. минута. Нафрлена топка до Раимондо со глава, Василев со одлична одбрана одбива во корнер.
Голема предност за Македонија во 26. минута. Моруци стартува над Гаштаров кој беше осамен пред голот, добива втор жолт и беше испратен во соблекувалната. Од слободниот удар шутира Николовски, но само во живиот ѕид.
И со играч помалку, Италија дојде до предност. Невнимание во одбраната на Македонија во 34. минута, нафрлена топка до Ндур кој во мешаницата со глава го проигра Марианучи, а овој од прва го совлада Василев шутирајќи во долниот лев агол.
Првата шанса во вториот дел ја имаше Италија, и тоа по големата грешка на Ангелов. Сакаше да ја врати на голманот Василев, но не го виде каде се наоѓа, па топката заврши за малку крај голот во корнер.
Во 49. минута центаршут од корнер до Ндур, обид со глава, лесен плен за Василев.

Македонија почна да напаѓа и да создава шанси, а првиот удар кон голот во второто полувреме го имаше Хамза, кој во 53. минута шутираше од 25 метри, топката одеше незгодно, па му создаде проблеми на Мота, кој, сепак, на крај успеа да интервенира.
Спорен момент во 56. минута. По една висока топка топката во рака го удри Липани, но според судијата Нуза немаше пенал!
Како одминуваше времето, снемуваше сила кај македонските фудбалери. Селекторот Станиќ се обиде и со измени да ја „разбуди“ селекцијата, но и тоа не донесе нешто ново во однос на шансите. На крајот предводникот на нашиот национален тим направи само три замени од можните пет, ама промена на резулатот немаше. Возбудувања само во последните секунди од мечот по прекин, кога Гаштаров не се снајде во казнетиот простор, што беше пропуштена и последната прилика за промена на резултатот.
Во вториот денешен натпревар во групата, Полска со убедливи 0-4 славеше на гостувањето против Ерменија.
КВАЛИФИКАЦИСКИ НАТПРЕВАР ЗА ЕП 2027, У-21
МАКЕДОНИЈА – ИТАЛИЈА 0-1 (0-1)
Стадион: „Петар Милошевски“ во Битола. Гледачи: 8.000.
Судија: Генц Нуза (Косово).
Стрелец: Марианучи 34’ (И).
Ж. Картони: Ангелов, Зенделовски, Трајков, Џеков (М) – Моруци, Марианучи, Писили (И).
Ц. Картон: Моруци 26’ (И).
МАКЕДОНИЈА: Василев, Даилоски (84’ М.Елмас), Мељиќи, Ѓ.Џеков, Хамза, Ангелов (69’ Ѓоргиевски), Зенделовски (46’ Елези), Гаштаров, Данев, Трајков, Николовски.
Селектор: Горан Станиќ.
ИТАЛИЈА: Мота, Палестра, Марианучи, Киародија, Моруци, Писили (82’ Дагасо), Липани, Ндур, Колеошо (75’ Керубини), Пафунди, Раимондо (46’ Екатор).
Селектор: Силвио Балдини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

