Италија го прими најбрзиот гол во историјата, па и одржа фудбалска лекција на Франција

Италија со моќно издание и победа од 1-3 на гостински терен против Франција покажа дека ги остава зад себе проблемите што ги имаше за време на ЕВРО 2024. Селекторот Спалети промени дури осум стартери во однос на осминафиналето на ЕП против Швајцарија, а оние кои добија шанса му возвратија со максимален пристап и голема победа над квалитетниот ривал.

Успехот е уште поголем ако се знае дека Италија по само 13 секунди се најде во негатива, откако Баркола го совлада Донарума, за најбрз гол што „аѕурите го имаат примено во историјата на оваа селекција. Донарума неколку минути подоцна го запре обидот на Мбапе, по што избраниците на Спалети успеаја не само да се стабилизираат, туку со евроголот на Димарко да стигнат и до израмнување. Тоа беше само најава за италијанската доминација во вторите 45 минути во кои гостите постигнаа уште два гола, преку Фратези и Распадори.

Французите дефинитивно се далеку од посакуваната форма, ова беше нивни прв домашен меч со три примени гола во последните 25 години, откако во 1999 загубија од Русија со 2-3, па јасно е зошто „триколорите“ со свирежи беа испратени од дел од трибините на „Паркот на принцовите“.

Белгија го совлада Израел со 3-1 во меч во кој двоен стрелец беше Де Бруине (еден погодок постигна Тилеманс), Исланд со 2-0 ја совлада Црна Гора, додека Романија полесно од очекувањата, со 0-3 стигна до бодовите на гостувањето против Косово.

Се вчитува...