Италија го враќа Балотели пред баражот со Македонија

Марио Балотели повторно ќе биде дел од италијанската репрезентација, два месеци пред бараж дуелот за СП 2022 што „аѕурите“ на крајот од март ќе го играат против Македонија. Балотели е повикан во тренинг-кампот закажан за крајот на месец јануари, при што поранешниот ас на Интер, Милан, Ливерпул, Манчестер Сити… ќе има можност да го убеди стручниот штаб да смета сериозно на неговите услуги за обврските во текот на оваа 2022 година.

„Супер Марио“ не е дел од националниот тим уште од септември 2018 година, но Манчини е оптимист дека може да го смири проблематичниот голгетер и да го извлече максимум од него на теренот. Јасно е дека Манчини не гледа на Балотели како на прва опција во нападот, но во ситуација кога Киеза е посериозно повреден, селекторот сака во „Супер Марио“ да биде адут плус на клупата.

Марио Балотели сезонава настапува за турскиот прволигаш Адана, за кој одигра 20 натпревари, притоа постигнувајќи осум погодоци.

Се вчитува...