Огромен е шокот во италијанската јавност откако „аѕурите“ го загубија финалниот бараж со БиХ и повторно останаа без пласман на еден фудбалски мундијал.
За земја која има четири титули светски шампион е незамисливо да остане без три учества на СП во низа, па фијаското во Зеница се нарекува „трета апокалипса“.
Очекувано, се бара одговорност за фијаскоро, а според најавите прв сигурно ќе си замине Џенаро Гатузо. Селекторот кој пристигна пред нецела година беше доведен со јасна цел да ја одведе Италија на СП 2026, а откако тоа не се случи, поранешниот тренер на Милан и Наполи веќе нема сојузници за да остане на функцијата.
Со него се очекува да си замине и Џанлуиџи Буфон кој беше дел од стручниот штаб по доаѓањето на Гатузо. Сепак, јавноста бара посериозна одговорност, па веќе гласно се бара и смена на претседателот на федерацијата, Габриеле Гравина.
До крајот на месецот ќе се одржи и редовното собрание на Италијанската Фудбалска Федерација, на кое се очекува да дојде и до смена на Гравина, во чии мандати „аѕурите“ останаа без ниту едно учество на фудбалските мундијали.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

