Италија покажа голема доверба пред ЕП: Манчини го продолжи договорот до 2026 година

Роберто Манчини го продолжи договорот со Фудбалскиот сојуз на Италија до 2026 година и планот е да биде тренер на „Азурите“ за следните четири големи натпреварувања. Покрај претстојното Европско првенство, Манчини треба да ги предводи Италијанците на Светското првенство во Катар 2022 година, Европското првенство во Германија во 2024 година и Светското првенство во САД, Канада и Мексико во 2026 година.

Искусниот селектор (56) ја презеде селекцијата на Италија во мај 2018 година и оттогаш бележи одлични резултати. „Азурите“ со Манчини беа победници на сите 10 натпревари во квалификациите за ЕВРО, па го освоија првото место во групата од Лигата на нациите, а потоа ги забележаа и воведните три триумфи во квалификациите за Светското првенство во Катар. По ваквиот исход, челниците на фудбалска Италија решија на Манчини да му понудат нов договор за продолжување на соработката, а ваквиот потег се препоставува дека ќе донесе дополнителна стабилност и добро расположение пред почетокот на Европското првенство.

Италија се наоѓа во групата А и ќе игра со Турција, Швајцарија и Велс.

 

 

 

Се вчитува...