Италијанците бесни на Вентура: Сепак, имало крокодили во Мадрид

Италија доживеа дебакл на гостувањето на „Сантијаго Бернабеу“, откако го загуби клучниот натпревар против Шпанија со 3-0, во битката за првото место во групата Г, од квалификациите за СП 2018. Сега на „аѕурите“ им преостанува преку плејоф да се борат за пласман на мундијалот, а на огромни критики е изложен селекторот Џампјеро Вентура. Тој изјави дека „нема крокодили во Мадрид и Италија ќе игра без страв“, но изданието на неговиот тим беше многу плашливо.

„Направивме одредени грешки во одбраната и тоа Шпанија го искористи. Тие погодија во своите први обиди, а шпанскиот голман имаше три одлични интервенции. Потоа мечот отиде во непосакувана насока за нас. Но, ние остануваме фокусирани во овие квалификации и ќе се бориме до крајот за да ја оствариме целта и да се пласираме на Светското првенство во Русија“, изјави Вентура.

Италијанските медиуми му замеруваат на селекторот за формацијата со која и се спротивстави на Шпанија, тврдејќи дека морал да внесе барем уште еден играч во средниот ред, каде „црвената фурија“ е екстремно силна.

Се вчитува...