Италијанците попуштија: ЕВРО 2020 ќе се игра и во Рим

Италија сепак ќе биде еден од ко-домаќините на претстојниот европски шампионат откако властите во оваа земја попуштија под притисокот на УЕФА и денеска дадоа зелено светло за организација на предвидените натпревари со 25% од вкупниот капацитет на стадионот „Олимпико“.

Токму на овој римски стадион е предвидено и свеченото отворање на ЕВРО 2020, но УЕФА се закани со одземање на организацијата бидејќи државните власти не дозволуваа присуство на публика со повеќе од 15% од капацитетот на „Олимпико“. Сепак, на крајот беше најден заеднички јазик, откако италијанската влада даде зелено светло за 25%, бројка што ги задоволува критериумите на европската куќа на фудбалот.

„Италија и Рим ќе бидат дел од ЕВРО 2020. Отворањето на вратите на „Олимпико“ е одлична вест. Италија што се бори со страшната пандемија истовремено и чекори со забрзани чекори кон нормалниот живот“, изјави претседателот на Италијанската Фудбалска Федерација, Габриеле Гравина.

ЕВРО 2020 официјално ќе стартува со дуелот меѓу Италија и Турција, што ќе се игра на 11 јуни со почеток во 21 часот на „Олимпико“.

Се вчитува...