Играчот не е над клубот, а тоа го докажа тренерот на ЦСКА Москва, Димитрис Итудис, кој со последната изјава по победата над Зенит стави дознаење дека Мајк Џејмс повеќе не е во плановите на рускиот гигант.
„Тимот кој го видовте тука, и повредените играчи кои останаа во Москва, како Џоел Боломбој и Никола Милутинов, е тој со кој ќе настапуваме до крајот на сезоната, бар додека сум јас тука, заедно со моите соработници на чело на овој голем тим“, изјави Гркот.
Американецот кој оваа сезона на 16 одиграни средби во Евролигата бележи просек од 19.3 поени, 5.7 асистенции и 3.1 скок, два пати оваа сезона ја нарушува тимската хемија во московскиот состав, а Итудис нема да му даде и трета шанса. Последниот испад на Џејмс се случи на дуелот против Уникс во ВТБ лигата, кога бекот беше испратен прерано во соблекувалната. Како што вели грчкиот стратег, би одел во војна само со оној кој сака да војува.
„Ова е лична одлука бидејќи се одлучив да одам во војна само со играчите и тренерите кои се подготвени да војуваат за овој тим. Играчите кои ги почитуваат нивните соиграчи, играчите кои го ставаат тимот пред себе си, оние кои ги почитуваат вредностите на ЦСКА Москва. Мораме да бидеме пример за нашите фанови, за нашите деца, мораме да имеме група на играчи кои се почитуваат меѓу себе, кои ја почитуваат играта. Доколку не донесов ваква одлука, не ќе можев да ги погледнам моите играчи. Морам да ги погледнам во очите и да им ја кажам вистината, бидејќи тие ја разбираат нашата цел“, додаде Итудис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА