Ива Пројковска ќе биде прв македонски судија кој ќе дели правда на легендарниот „Вембли“

За првпат во  фудбалската историја еден судија од Македонија ќе ја има таа чест да суди на легендарниот стадион Вембли во Лондон. Нашата најдобра судијка, интернационалката Ива Пројковска е одредена од судиската комисија на УЕФА да ја дели правдата на првата средба во Купот на нации меѓу женските репрезентации на Англија и Шведска.

Мечот се игра на Вембли на 5. април со почеток во 21 часот. Ќе и помагаат Вјолца Изеири и Аина Фернандез Руиз од Андора. Четврти судија ќе биде Марјан Дејаноски од Кичево.

Ива Пројковска е во елитната група од 20 најдобри европски женски судии. Таа повторно ќе суди во Англија, бидејќи пред две години судеше на пријателската средба меѓу Англија и Италија, но на стадионот на Челси во Лондон.

Во текот на овој месец на меѓународната сцена ќе се појави и еден од нашите најдобри футсал судии Доне Ристовски од Гевгелија. Тој од 8. до 14. април ќе биде еден од судиите на квалификацискиот турнир за настап на Европското првенство што ќе се одржи во Ларнака на Кипар. На турнирот ќе настапат репрезентациите на Кипар, Андора, Северна Ирска и Естонија. Покрај Ристовски ќе судат и судии од Молдавија и Словачка.

 М.М

Се вчитува...