Ива Пројковска ќе го суди мечот Данска-Шпанија

За нашиот најдобар женски фудбалски судија, интернационалката Ива Пројковска како да нема одмор. Впрочем, не залудно е во елитната група на 20 најдобри европски судии. Од страна на судискиот комитет на УЕФА таа е одредена да го суди дербито во втората квалификациона група за настап на Европското првенство 2025 година меѓу Данска и Шпанија. Мечот ќе се игра на 31 мај во Вејле. Ќе и помагаат Вјолца Изеири и  Елена Соклевска-Илиевска. Четврти судија ќе биде Марјан Дејановски.

Контролор на судењето е позната поранешна германска судијка Елке Гутнер. Инаку во оваа група се уште и репрезентациите на  Белгија и Чешка. Веќе се одиграни две кола. Еве ги резултатите: Белгија-Шпанија 0:7, Шпанија-Чешка 3:1, Чешка-Данска 1:3 и Данска-Белгија 4:2. Токму и затоа средбата Данска-Шпанија одлучува за првото месо во групата.

Годинава на меѓународната сцена Ива Пројковска ги судеше натпреварите: Славија-Сент Полтен, Пари Сен Жермен-Челзи, Англија-Шведска, Пари Сен Жермен -Лион како и на машките екипи во Лигата на шампионите, играчи до 19 години меѓу Аз Алкмар и Порто. Пројковска, Изеири и Дејановски судеа и на легендарниот стадион Вембли во Лондон, каде играа Англија-Шведска.

     М.М

Се вчитува...