Судиската комисија на УЕФА има голема доверба во квалитетите на најдобриот женски судија во Македонија Ива Пројковска бидејќи речиси и не ја остава малку да се одмори.
Впрочем, не случајно, Пројковска е во групата на 20 елитни европски судии. Пред две недели го судеше мечот во Лигата на шампионите за жени меѓу Јувентус и Баерн Минхен во Италија, а веќе доби нова задача. На 29 октомври ќе го суди реванш плеј оф натпреварот од завршната рунда од квалификациите за учество на Европското првенство 2025 година меѓу Шкотска и Унгарија што ќе се одигра во Единбург на „Естер роуд“ стадионот. Ќе и помагаат нашата Вјолца Изеири и Словенката Сташа Шпур. Четврти судија е Христијана Гутева од Бугарија. Контролор на судењето е италијанката Силвија Спанели.
Во првиот меч во Будимпешта Шкотска победи со 1:0. Интересно е да се напомене дека меѓу овие два меѓународни натпревари Пројковска отсуди и два меча на домашната сцена и тоа на машки екипи: Арсими-Воска за куп и Силекс-Беса во Првата лига.
Оваа недела на меѓународната сцена ќе се појави и младиот, перспективен интернационален судија Игор Стојчевски, кој во Србија, во Стара Пазова ќе суди на квалификациониот турнир, играчи до 17 години за настап на Европското првенство. На турнирот кој ќе се одржи од 31 октомври до 6 ноември ќе учествуваат репрезентациите на Србија, Бугарија и Турција. Заедно со него ќе патува и асистент судија Куштрим Лика од Кичево.
М.М
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА