Ива Пројковска ќе го суди мечот во Лигата на шампиони за жени меѓу Јувентус и Баерн Минхен

Одличните оценки кои ги добива од контролорите што го оценуваат судењето на нејзините мечеви на меѓународната сцена, придонесуваат нашиот најдобра фудбалска судијка, Ива Пројковска да добива се почесто покани од Судиската комисија на УЕФА да суди тешки натпревари.

Пројковска на 16 октомври ќе биде главен судија на мечот во Лигата на европските шампиони за жени од Ц групата, меѓу италијанскиот шампион Јувентус и германскиот Баерн Минхен. Ќе и помагаат Норгис Магар од Казахстан и Светлана Грушко од Украина. Четврти судија ќе биде Бугарката Христијана Гутева. Контролорка на мечот е Елена Кириу од Грција.

Во изминатите неполни десет месеци Ива Пројковска како главен судија има судено 11 натпревари на меѓународната сцена, на три беше четврти судија што јасно говори за нејзиниот квалитет на судењето. Впрочем, не залудно се наоѓа во групата меѓу 20 елитни европски женски судии.

М.М.

Се вчитува...