Ива Пројковска, нашата најдобра женски фудбалски судија , туку што е врати од Германија одново се подготвува за патување, овој пат во Виена. Од судиската комисија на УЕФА доби порака дека е одредена за главен судија на квалификациониот плеј оф натпревар за настап на Европското првенство идната година, меѓу Австрија и Полска. Мечот се игра на 3 декември. Во првата средба победи Полска со 1:0. На Пројковска ќе и помагаат Сташа Спур од Словенија и Аинхо Фернандез од Андора.
Четврти судија ќе биде Ивана Мартинчиќ од Хрватска. Годинава Пројковска отсуди на меѓународната сцена 7 натпревари во Лигата на шампионите, 5 квалификациони мечеви за настап на Европското првенство и два на светското првенство во Колумбија што најдобро говори колку се добри оценките што ги добива од контролорите за своето судење. Впрочем, не случајно е меѓу 20 елитни европски женски судии.
Интересно е да се напише дека ниту едно коло во европските купови не може да мине без претставник од Фудбалската федерација на Македонија, што јасно покажува дека се ценети и дека добро ја вршат работата. Во претходното коло што на програмата беше минатата недела, поранешниот наш најдобар фудбалски судија, денес ценет контролор во УЕФА, Емил Божиновски го контролираше судењето во Прага на мечот од Лига на Европа меѓу Спарта и Атлетико Мадрид.
М.М.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА