Работнички оствари значаен триумф над директниот конкурент за излез во Европа, тимот на Пелистер, во Охрид и се врати на третото место на табелата со идентичен број бодови како и „зелените“ од Битола. Оваа трка ќе биде мошне интересна до крајот на шампионатот, а спортскиот директор на „романтичарите“, Иван Поповски, изрази задоволство од победата, но и од фактот дека поранешниот „романтичар“, Баже Илијоски, кој оваа пролет го носи дресот на Пелистер, не ја затресе мрежата на Даниел Божиновски.
„Сакам да упатам честитки до фудбалерите и до стручниот штаб за одличното издание против Пелистер. Одигравме одличен натпревар, во целост го надигравме противникот и сосема заслужено ги освоивме трите бода. Ова е многу значајна победа за нас, ако се знае дека е остварена против директен конкурент за излез на европската сцена. Уште подраго ми е и што Баже Илијоски немаше можност ’да не се радува’ на овој меч, со оглед дека не ја затресе нашата мрежа“, изјави спортскиот директор на Работнички, Иван Поповски, за официјалниот сајт на клубот.
Баже Илијоски токму за ЕКИПА како најава за дербито меѓу Пелистер и Работнички даде изјава дека нема да се радува доколку постигне погодок против „романтичарите“. Но, мрежата на Работнички остана мирна, а Елиф Елмас успеа да постигне прекрасен гол за триумф на скопскиот тим.
Фото: www.fkrabotnicki.com
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА