EКИПА, како партнер на реномираниот лондонски ГАРДИЈАН, ќе биде дел од медиумската „експертска мрежа на Гардијан“ за EВРО 2020, заедно со вкупно 22 европски медиуми меѓу кои и со Газета дело Спорт (Италија), Ел Паис (Шпанија), Ди Цајт (Германија), Спорт-Експрес (Русија), Франс фудбал (Франција), Блик (Швајцарија),
Телеспорт (Хрватска), Стандард (Австрија)….. Се во насока на што поквалитетно покривање на ЕВРО 2020! Целта на мрежата е размена на текстови и информации како читателите од секој од овие медиуми би имале поблизок и пореален поглед на секој од протагонистите на Европското првенство.
Иван Тричковски
Кога ќе го спомнете името на Иван Тричковски во македонската репрезентација веднаш асоцира на смиреност, максимална професионалност, искуство и добрина. Затоа и цели 12 години е дел од националниот тим.
А, токму последните две години се всушност и неговите најдобри во кариерата откако доживеа втора младост во кипарска АЕК Ларнака.
Беше прогласен за најдобар стрелец во изминатата декада во Кипар, а во 2020 година беше најдобар стрелец во Европа, според коефициентот на ефикасност во националното првенство. Постигна 20 погодоци на 18 натпревари, па со коефициент на ефикасност од 1,11 беше најдобар на Стариот континент. Зад него останаа Роберт Левандовски од Баерн Минхен, Жан-Пјер Нсаме од Јанг бојс, но и Ерлинг Халанд, Чиро Имобиле, Кристијано Роналд, Килијан Мбапе…
Во 2019 година, пак, се најде на 18. место по вкупен број постигнати голови во Европа, и тоа во друштво на Левандовски, Меси, Мбапе, Бензема, Ибрахимовиќ, Стерлинг, Мане, Тадиќ.
„Може ли да се опише чувството кога сте во друштво на такви имиња. За мене тоа е привилегија да се биде меѓу најдобрите голгетери во светот“ – ќе рече скромно Тричковски.
Неговата максимална професионалност и посветеност на тимот беше очигледна и кога изминативе години добиваше повици во националниот тим, доаѓајќи од Кипар, а останувајќи на клупата и без одиграна минута на репрезентативните собири. Но, Тричковски никогаш тоа не го спомна. Напротив, со односот само уште еднаш потврди зошто и ја има сета онаа богата кариера, од Вардар преку Работнички, до Црвена Звезда, белгиските Бриж и Беверен, па Ал Наср и Легија Варшава се до АПОЕЛ и АЕК Ларнака.
Влатко Стојановски
Четири гола на еден натпревар од Првата лига, во дресот на македонскиот тим Ренова, беа влезница за Стојановски во Лига 1 во Франција. Во 2019 година, Стојановски потпишувајќи за Ним до јуни 2022 година го реализираше еден од најголемите трансфери во историјата на македонскиот фудбал.
„Ако може да постигне четири гола на еден натпревар во Македонија, тогаш доволно е за Ним по еден во Лига 1“ – коментираа тогаш француските медиуми за ангажманот на македонскиот фудбалер.
Но, Стојановски не се наигра во Ним. Одигра само шест натпревари, и сега е на позајмица во францускиот второлигаш Шамбли. Интересно, и Ним и Шамбли изминатава сезона се преселија во понизок ранг на натпреварување во Франција.
Крсте Велкоски
Со трансферот од Работнички во Сараево во 2014 година доживеа вистински препород. И не само во фудбалска смисла. Ни самиот не можеше да верува дека покрај тоа што ќе стане веднаш ѕвезда на тимот, и толку многу ќе го засака главниот град на БиХ.
„Кога доаѓав во Сараево не можев ниту да претпоставам дека ќе почувствувам толкава љубов кон градот. Сега може да кажам дека ми е жал што не сум роден во Сараево, па целата кариера да ја минам само во овој клуб и овој град. Но, и сега не е касно, до крајот на кариерата сакам да играм тука, а и по завршувањето на кариерата планирам да останам да живеам“ – вели Велкоски.
А, Сараево е врзано на специфичен начин и со настапот на ЕВРО 2020 за него, затоа што, како што вели, токму откако дошол и заиграл за еден од најдобрите клубови во БиХ добил и повик за настап во репрезентацијата. Непосредно пред ЕВРО 2020 повторно го продолжи договорот со босанскиот прволигаш.
Дарко Чурлинов
Дарко Чурлинов е најмладиот репрезентативец кој заиграл во сениорскиот дрес, дебитирајќи за националниот тим на 16 години, осум месеци и 17 дена во 2017 година.
Од тогаш нема многу настапи за А-репрезентација, но пред се затоа што беше и незаменлив лидер во младите македонски селекции. Но, фудбалерот на германски Штутгарт сосема заслужено се најде на списокот на Ангеловски за Европското првенство 2020.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА