Изминатиот викенд во Скопје се одржа спортскиот Самит „Today’s Sport 23“ во организација на Здружението „Геостратешки институт ГЛОБАЛ“ кој предизвика различни размислувања во македонската спортска јавност од аспект на тоа колку таквите еднодневни „блиц-криг“ дебатирања во суштина ги допираат проблемите со кои се соочува македонскиот спорт.
Од Самитот произлегоа три заклучоци: – Носење нов Закон за спорт; – Формирање на независна Комисија во рамките на македонската влада за распределба на државната помош за спорт; – Формирање нови професии во нашата држава и тоа: спортски менаџер и спортски туризмолог преку постојниот образовен систем. Кои, реално, и не се нешто ново кога се во прашање формално искажаните предлози за средување на состојбите во спортот.
Но, сето кажано на Самитот разбуди и сериозни ставови и несогласувања кај оние спортски работници кои директно на терен се вклучени во практикување на спортот, а кои секојдневно се соочуваат со неговите проблеми во потрага по суштински долготрајни решенија.
Организаторот на една од најпрепознатливите домашни спортски манифестации „Охрид ТрчаТ“, но и „Фестивалот на спортови на вода“ кој оваа година повеќе од успешно стартуваше во нашиот најголем туристички центар, Иван Цветковски, преку своја анализа за ЕКИПА на искажаното на Самитот „Today’s Sport 23“:
Мал коментар на искажаното на Today’s Sport во организација на Геостратешки Институт Глобал кој со големо внимание го гледав преку стримингот обезбеден од МОК. Прво би сакал да го поздравам сето она што го работи Институтот бидејќи секој еден труд и потрошено време во функција на спортот го ценам без разлика колку тоа ми се допаѓа или колку се согласувам со се искажаното, направеното и реализираното. Коментарот е мој личен став изграден согласно моето искуство визави се слушнатото за време на настанот но пред се со голема желба да се помогне во идните позитивни промени во спортот и се надевам дека како така и ќе го разберете.
СПОРТОТ Е СЛИКА НА СИТЕ НЕДОСТАТОЦИ И СЛАБОСТИ НА ОПШТЕСТВОТО ВО КОЕ ЖИВЕЕМЕ… НЕ МОЖЕ ВО СПОРТОТ ДА ОЧЕКУВАМЕ ДЕКА ЌЕ ФУНКЦИОНИРАМЕ ПО ГЕРМАНСКИ ПРИНЦИПИ
Прво… Македонскиот спорт е дел од македонскиот живот така што сите недостатоци и слабости на нашето општество се дел и од македонскиот спорт. Спортот не може да биде иземен од сето она што ни се случува во државата. Апропо ова не можеме да очекуваме дека ние во спортот ќе функционираме по германски принцип, дека кај нас може да биде се по принципи, почит, интегритет и професионализам. Спортот и неговиот развој како и во сите сегменти од нашето живеење е правопропоционален со развојот на македонското општеството. Така што секое креирање на големи дискусии околу состојбите во македонскиот спорт треба на поинаков начин и посебно вокабулар, да се организираат.
ПОСТОЈАНО ПОТЕНЦИРАЊЕ НА КОРУПЦИЈА ВО СПОРТОТ, А ПРИТОА БЕЗ НИТУ ЕДЕН ОБВИНИТЕЛЕН АКТ ИЛИ КОНКРЕТНО ПОСОЧЕН СЛУЧАЈ, НЕ МУ ПОМАГА НА СПОРТОТ ТУКУ САМО ГО „БИЛДА“ ЛОШИОТ ИМИЏ
Второ… Издигнувањето на корупцијата во спортот на високо ниво на дискусија од страна на организаторот и дискутантите а притоа во изминатите години немаме ниту еден предмет, обвинителен акт или директно посочување од нивна страна што ќе го поткрепи тоа е многу несериозно посебно кога академската заедница тоа го прави и афирмира. Она што е многу поразително, се надевам дека тоа несвесно го правите, е тоа што на ваков начин високо влијаете во градењето на лошиот имиџ за спортот, клубовите, федерациите, настаните со што правите нашиот спортски живот да биде уште потежок. Македонскиот спорт има многу, многу мани, многу недостатоци и да верувам и многу коруптивни дејанија но тврдам дека спортот и корупцијата во спортот се на најниското коруптивно скалило во нашето општество. Тоа не значи дека не треба да се дискутира или делува во искоренувањето на корупцијата во спортот тоа значи дека сите вие/ние кои сакаме да имаме нулта корупција во спортот треба да соработуваме и се поддржуваме без разлика на кое ниво од спортот сме зошто само на таков начин заедно можеме да стигнеме до заедничката цел. Впрочем за сето ова си имаме институции кои согласно закон треба да делуваат, институции кои не се поврзани со спортот така што не не корумпирајте сите туку барајте тие кои се огрешиле да сносат одговорност, или посочете кој тоа го прави, стимулира за да можат институциите да делуваат. И верувајте во овој дел спортските клубови (посочени од вас како едни од носителите на корупцијата во спортот) имаат најмало учество во сето она што вие го говоревте и тврдевте за време на настанот а е поврзано со корупцијата.
НЕ Е ПРЕСУДНА ИНФРАСТРУКТУРАТА… ПРЕСУДНИ СЕ ЧОВЕЧКИТЕ РЕСУРСИ ВО СПОРТОТ
Трето… Без инфраструктура нема спортска иднина, делимично точно но далеку од пресудно. За мене во овој момент доколку сакаме сегашност и иднина во спортот пресудни се човечките ресурси во спортот. Тоа значи дека под итно мора образовната институција Факултетот за физичко образование, спорт и здравје да се реорганизира, да се унапредат човечките ресурси во институцијата и да се осовременат програмите и можностите кои ги нуди факултетот. Факултетот за физичко образование, спорт и здравје е директно одговорен за унапредувањето и развојот на спортот во Македонија и како таков за мене треба да има врвен приоритет за државата доколку сакаме прогрес и резултати во спортот. Интегритетот во спортот мора и треба таму да започне и да се гради. Па, не чекајте, почнете да делувате доколку сакате да го постигнете тоа што го говоревте на Самитот.
СПОРЕДБИТЕ СО НЕКОЕ МИНАТО ВРЕМЕ СЕ САМО ГУБЕЊЕ ВРЕМЕ… ВРЗ ОСНОВА НА НОВАТА РЕАЛНОСТ ТРЕБА НОВА СТРАТЕГИЈА И ЗАКОН ЗА СПОРТ
Четврто… Владата мора да превземи чекори за носење на нов закон за спорт, се согласувам и би додал, час поскоро мора да донеси нов закон за спорт, во кој многу работи ќе се регулираат, се надевам како што треба, со посебен акцент на човечките ресурси и зајакнувањето на јадрото во спортот, клубовите. Без јачање на нивната моќ и нивниот глас и авторитет во општеството не можеме да го постигнеме тоа што сите го посакуваме за спортот. Пред две години многу амбициозно се најави носењето нов закон за спорт, а за жал сеуште немаме финален акт. Согласно Уставот, државата го помага и поттикнува спортот што за мене претставува блага форма на поддршка кон спортот. За една држава, посебно за Македонија, спортот мора да е врвен приоритет, јавен интерес од приоритетно значење. Би сакал да потенцирам, согласно досегашното дисперзирање на финансиски средства во спортот од државата ние не можеме да го очекуваме сето она што дискутатнтите на настанот и сите граѓани го бараат од спортот. 10-те милиони евра кои се спомнуваат како износ доделен од ваучерскиот систем, претставува финансиски износ со кој ние многу малку можеме да постигнеме прогрес и развој на спортот или како што говори професорот Иван да дојдеме до нов Пандев, Лазаров , Дејан…….Споредбите со едно друго време, систем, се нереални и за мене претставува само губење на време. Ние треба да ја согледаме реалноста, нивото на спортот што во овој момент го имаме, на секојдневието кое го имаме, ресурсите, насоките на спортските светски трендови и да седниме и изградиме стратегија, што како нација сакаме од спортот.
АКО 73% ОД МЕНАЏМЕНТОТ ВО СПОРТОТ Е ЛОШ… ТОГАШ ТРЕБА ПРОМЕНИТЕ ДА ПОЧНАТ ОД СИТЕ НАС КОИ ГО ВОДИМЕ
Петто… Согласно истражувањето на професорите 73% од менаџментот во спортот е лош. Од истиот тој менаџмент сме сите ние дел. Доколку го прифаќаме истражувањето тогаш промените во спортот, за кои посебно разговаравте и ги баравте а се однесуваат на човечките ресурси во спортот, треба за започнат од нас. Сите вие кои бевте дел од настанот и јас сме дел од менаџментот во спортот и овој процент ни праќа јасна порака за минатото и сегашноста, за сето она што сме го направиле или не, за се што сме делувале или не во менаџментот на македонскиот спорт.
СПОРТСКИТЕ КЛУБОВИ ТРЕБА ДА СЕ ЈАДРОТО НА СПОРТОТ – ИЗВОР НА КВАЛИТЕТОТ, А ТИЕ ЕДВАЈ ПРЕЖИВУВААТ
Шесто… Спортските клубови во Македонија. Јадро на спортот, извор за квалитет или не во спортот, извор за здрава нација или не, извор за економски развој или не, извор за афирмација или не на државата и на крај извор на корупција или не! Следејќи ги дебатите стекнав мислење дека дискутантите воопшто не ја познаваат суштината на функционирањето на спортските клубови, посебно на клубовите кои доаѓаат од поединечните спортови или на клубовите кои доаѓаат од надвор од Скопје. Се додека е така ниту едно законско решение нема да е позитивно прогресивно за целокупниот спорт во државата. Вие имате клубови и спортски работници кои и после 30 години се уште делуваат и работаат волонтерски. Или имате структура на клубови од 95% во кој немате ниту едно вработено лице. Или имате клубови кои федерациите ги заборавиле, или кои немаат основни услови за работа или оние кои не можат да влезат во спортските објекти. Клубовите како и приватниот сектор ја имаат истата мака во делот на интересот за работа поради одливот на кадар. Се чудите дека 99% од ваучерскиот систем одел за хонорари! Јас воопшто не се чудам бидејќи ја познавам суштината и проблемите на клубовите. Процентот Ви говори до каде е дојдена работата, Ви говори дека се работи за егзистенција која тврдам како проблем ја имаат мнозинството спортски работници во клубовите, барем клубовите од надвор од Скопје. Ако го гледате сето она што ни се случува денес воопшто немаше да Ве чуди процентот. Професионализмот го градат човечките ресурси и тие мора да бидат самостојни и финансиски невзависни ако сакате да имаме прогрес во спортот и во секој еден дел на нашето живеење.
КАКО МОЖЕ ВАУЧЕРСКИОТ СИСТЕМ ДО ВЧЕРА ДА БИЛ МНОГУ ПОЗИТИВЕН А ДЕНЕС НЕГАТИВЕН… АКО СИСТЕМОТ НЕ ДАВАЛ РЕЗУЛТАТИ ЗОШТО НЕ СЕ РЕАГИРАЛО ОД МНОГУ ПОРАНО? АКО ИМАЛО ЗЛОУПОТРЕБИ ЗОШТО НЕ СЕ РЕАГИРАЛО СО КАЗНИ СОГЛАСНО ЗАКОНИТЕ!?
Седмо… Ваучерски систем и неговите резултати, до вчера многу позитивни а денес многу негативни. Системот се спроведува од 2019 година и колку што се сеќавам, гледав и читав многу прес конференции и објави кои го поддржуваа системот и кои тврдеа дека со него ќе имаме многу позитивни резултати во спортот. Тогаш беше тогаш а денес е денес. За мене ваучерскиот систем беше утврден како добар исчекор кон поддршката на спортот. Интересен концепт кој имаше секако мани, посебно во критериумите, износите, федерациите и комисијата, но систем кој доколку се сакало мораше и можеше да се надоградува и да се делува во отстранување на сите недостатоци на системот. Резултатите од системот за едни се врвните спортисти за мене покрај тоа е и поддршката за клубовите и спортот кој е надвор од главниот град. Преку ваучерскиот систем многу клубови од сите спортови за прв пат добија можност за поддршка финансиска од државата. Ако не сте знаеле за клубовите кои доаѓаат од надворешноста и посебно од помалите градови е многу тешко да се изборат со големите, со колегите од Скопје така што секаква поддршка за нивната работа беше добредојдена. Доколку системот не давал резултати за што уште од 2019 година имало анализи зошто тој систем никој не го надоградил, не детектирал што треба да се промени и променил? Зошто доколку имало злоупотреби не се постапувало законски кон нив? Суштината е следна секој еден наш систем е врзан со човечки фактор и човечки ресурси. Системот ваучер, системот УЈП………..никогаш нема да се успешни во голем процент доколку човечките ресурси и свеста се вакви какви што се. Новиот предлог закон за спортот посочен од професорите во однос на диспрезија на финансиска поддршка кон спортот или замена на ваучерскиот систем за нов предлага да се има комисија од 7-9 члена која ќе ја бира владата и која ќе била независна и која ќе вршела распределба согласно критериуми и дигитални алатки и системи. И во иднина ќе се трошат пари а ќе се нема резултат доколку ја промениме само формата е не суштината, доколку нашето делување остане исто и доколку државата не остави, спортот да го градат спортистите.
ПОЗИТИВНИ ПРЕПОРАКИ ДО ОРГАНИЗАТОРИТЕ…
Еден самит мора да има дискусии и прашања од учесниците присутни, да има работилници, тет а тет средби помеѓу тие кои креираат и тие кои треба да спроведуваат политики?
Еден самит мора да трае барем два дена, да има социјални активности, да се запознаат повеќе учесниците за да се опуштат и стекнат меѓусебна доверба зошто само на таков начин ќе успеете да изградите заклучоци и предлози кои ќе имаат тежина и кои ќе понудат решенија.
Еден спортски самит мора да е збир на искуство од различни спортови, од различни градови од различни спортски профили, од различни спортски концепти.
Говориме за спорт, за суштината на нашето постоење, за нашиот идентитет и за мене недозволиво е еден ваков настан да биде отворен со поздравен говор на градоначалник кој притоа доаѓа од друга држава, или еден ваков настан да заврши зо заклучоци во кој главен збор има идното издание кое ќе се одржи во Солун и за кое покровителот треба автобуси да обезбеди.
Да сум искрен минатата година за мене беше многу посуштинска и покреативна и морам да констатирам дека со ова издание одите чекор наназад а искрено верував дека конечно добивме организација која ќе започне да делува суштински, креативно и професионално во насока на развојот на спортот и спортскиот живот во Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА