Македонија претстојниов викенд ќе биде организатор на Европско првенство – трета лига, на кое се очекува настап на преку 430 натпреварувачи од 14 земји, а настанот на прес конференција го најавија директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, и претседателката на Атлетската федерација на РСМ, Александра Војнеска Зикова.
„Големо задоволство ми претставува да го најавам овој атлетски спектакл, кој претстојниов викенд ќе ја збогати спортската програма во Скопје. По успешната организација на Европското првенство во планинско трчање, кое минатата година се одржа на Водно, Интернационалната и Европската Атлетска федерација ни доверија организација на уште еден престижен настан- Европски тимски шампионат- 3-та лига“, изјави Каевски.
Тој додаде дека покрај нашите атлетичари, меѓу кои се издвојуваат Јован Стојоски, Дрита Ислами и Дарио Ивановски, ќе настапат атлетичари од Албанија, Азербејџан, Ерменија, Босна, Исланд, Молдавија, Црна Гора….
Фаворитот Србија најавува настап на светската атлетска елита, предводена од актуелната европска шампионка во скок во далечина Ивана Шпановиќ.
„Покана до сите вљубеници во атлетиката и спортот воопшто, на 10-ти и 11-ти да бидат на Арена Тоше Проески, и да дадат свој придонос во она што е главен фокус на Агенцијата за млади и спорт и Атлетската федерација на Македонија, а тое е подигнување на Атлетиката на повисоко ниво“, додаде Каевски.
Новиот претседател на атлетската федерација Александра Војнеска Зикова потенцираше дека фаворитските репрезентации, Србија и Исланд се најавени во полн состав, во кој влегуваат атлетичари со освоени европски медали, што овозможува атлетски викенд-спектакл во Скопје.
„Ова е настан кој очекуваме да најави нов почеток во атлетиката кај нас, односно можност да ја вратиме атлетиката онаму каде припаѓа – на врвот на спортовите“, изјави Војнеска-Зикова.
Таа додаде дека ќе стори максимум во организацискиот дел, со што ќе го оправдаме статусот на рамноправен партнер на Европската атлетска федерација.
На прес конференцијата се обрати и нашиот фаворит на 100, 200 и 400 метри, Јован Стојоски, кој оваа сезона веќе два пати трча под 47 секунди, со што е дел од фаворитите на 400 метри.
„Да ја наполниме арената“, изјави Стојоски.
Натпреварите стартуваат в сабота попладне, а влезот е слободен и двата дена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА