Хрватскиот тениски тренер Горан Иванишевиќ верува дека Новак Ѓоковиќ сè уште има уште многу што да му понуди на светскиот тенис.
Многумина се прашуваат дали Ѓоковиќ може да стигне до 25-тата грандслем титула.
„Да не бев со Новак, можеби ќе речев дека тоа не е можно. Но, бидејќи го познавам и го гледав пет години, зборовите „не може“, „невозможно“, итн… не постојат кај него… Тоа не постои во неговиот речник. Можно е, секако дека е можно. Кога ќе помислам на финалето во Австралија – тој е таму, никогаш не можете да го отпишете. Ако е подготвен во главата и фокусиран, тоа е тоа“, изјави Иванишевиќ за „Спорт клуб“.
Ѓоковиќ сè уште има мотивација да игра.
„Слушам разни, да речеме, тениски експерти, и некој секогаш го отпишува. Не знам дали тие луѓе воопшто гледаат и разбираат тенис. Ѓоковиќ е воден од фактот дека го сака тенисот, сака да биде на теренот, сака натпреварување, сака победи. Слушнав и дека планира да игра до следните олимписки игри, а до тоа сè уште има време… Ќе биде блиску до врвот. Да видиме на колку турнири играл минатата година, а е трет во светот. Без разлика колку се зборува“, додаде Иванишевиќ.
Иванишевиќ и Ѓоковиќ соработуваа од 2019 до 2024 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

