Иванишевиќ: Тоа што Ѓоковиќ вреска по мене е добро, јас не го ни слушам…

Еден пораз беше доволен за да се јават медиумите кои го критикуваат Новак Ѓоковиќ, па дури и да се пишува за караница со тренерот Горан Иванишевиќ и најава за разделба поради честото викање на српскиот тенисер кон Хрватот.

Дека во тоа нема ниту ронка вистина денеска потврди самиот Иванишевиќ, кој во интервју за весникот „Спортске Новости“ говореше за најразлични теми, меѓу нив и за честите врескања на Ѓоковиќ за време на мечевите што Горан ги следи од ложата.

„Тоа се чисти глупости. Како прво, јас не ни слушам половина и повеќе од она што тој вреска. Тоа се огромни терени, публиката вика во тие моменти и не се слуша најдобро. И да слушнам, тоа воопшто не ми пречи бидејќи станува збор за емоции кои треба да се исфрлат од себе во даден момент, јас знам дека тоа е добро за Новак. Цело време се пишува: Новак пак викаше, Горан е лут… но тоа се апсолутни невистини. Милион пати сме зборувале, немам никаков проблем со тоа, па и јас сум бил играч, знам дека е важно во некој момент да извадиш се од себе, да се испразниш емотивно и да почнеш од почеток. Единствената важна работа е Ѓоковиќ да игра најдобро што може“, изјави Иванишевиќ.

Тој се осврна и на последното финале на Вимблдон, кое Ѓоковиќ по огромна борба го загуби од Карлос Алкараз со 2-3 во сетови.

„Се уште сум малку во шок од тоа финале. Како што кажа Новак во самиот говор, можеби во минатото требало да загуби некои финалиња, но ги добил, овојпат се случи спротивното. На крајот, тој имаше свои шанси, но не ги искористи, Алкараз одигра похрабро кога требаше и го доби мечот“, прокоментира Горан Иванишевиќ.

Се вчитува...