Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски покажа дека е цврсто решен силно да граби на својот пат кон Летните олимписки игри Токио 2020 со денешниот настап на Медитеранските игри за атлетичари до 23 години кои се одржуваат во Мирамас, Франција.
Ивановски во кралската дисциплина 1.500 метри постигна свој најдобар личен резултат од 3:50.90 минути, кој преставува и нов државен рекорд на Македонија. Претходниот рекорд го држеше легендата на македонската атлетика, Ване Стојанов кој во далечната 1997 година во Софија, Бугарија истрча со време од 3:51.10 минути.
Со овој постигнат резултат и рекорд на Дарио кој има вредност од 1010 бодови според таблицата на Светската атлетска федерација, тој моментално е неприкосновен кандидат да ја преставува Македонија на Европското првенство во Глазгов, Шкотска кое ќе се одржи на почетокот на месец март.
„На овој прекрасен ден Богојавление Водици, јас скокав по светиот крст во реката Вардар, а Дарио ја пишуваше уште еднаш нашата спортска историја. Бескрајно сум среќен за остварувањето на Дарио бидејќи во изминатите 40 дена работевме можеби најнапорно и со крајно професионални подготовки кои ни ги обезбеди Атлетската федерација на Македонија во Софија, Бугарија. Кралската дисциплина 1.500 метри е нашата олимписка дисциплина за Токио и секако дека рушењето на рекорд токму во оваа дисциплина преставува посебен момент на среќа во нашиот тим. Ве уверувам дека Дарио има потенцијал за уште помоќни резултати кои секако ќе се движат во насоката кон обезбедување на олимписка норма за ЛОИ Токио 2020 година. Нашиот следен предизвик ќе биде медал на Балканијадата во Турција која ќе се одржи на 16. и 17. февруари“ – вели Игор Јакимовски, тренерот на Дарио Ивановски.
Во Мирамас, Франција, во женска конкуренција настапи и Катерина Тимчевска која настапи во дисциплината 400 метри и постигна резултат од 59.15 секунди, со вредност од 900 ИААФ бодови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА