Ивановски и Поп Арсова – победници на „ХалкЕко Скопје Трча 2025“ (ФОТО)

Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова се победници на денешното 9-то издание на „ХалкЕко Скопје Трча 2025“ на 10 километри, на кое учествуваа околу 1700 атлетичари.

Ивановски патеката ја истрча со време 30:59 минути. Второто место му припадна на Муџахид Мислими, со време 32:22 минути, а третото на Димитар Илиев, со време од 32:35 минути.

Дарио Ивановски на целта

Во женска конкуренција, најбрзата Поп Арсова оствари време од 35:35 минути, второто место беше за Билсерин Сулејман со 35:58 минути, а на третото место заврши Невена Јовановиќ со 36:58 минути.

Адријана Поп Арсова финишираше прва во женска конкуренција

Во категоријата учесници со телесен инвалидитет, која беше новина на годинешново издание на трката, од вкупно 12 пријавени, победници се Габриела Стојановиќ во женска конкуренција со време 59:28 минути и Зоран Јовановски во машка конкуренција со време 01:06:21. Второто место во женска конкуренција со време 01:10:42 го освои Јелена Трајковиќ, а Елизабета Симева Јовановска беше трета со освоено време 01:14:20. Александар Јовановски со време 01:11:56 го освои второто место, а со време 01:12:45 третото место му припадна на Шукри Мемеди.

Трката започна и заврши пред фонтаната Лотос, а 10 километри долгата патека по која се трчаше беше по булеварот „Илинден“ и по дел од булеварот „Партизански Одреди“.

Трката се одржа со цел да се промовира активен и здрав живот, како и инклузивност во спортот, а настанот ја зацврсти својата позиција како еден од најзначајните спортски настани во регионот.

И годинешново 9-то издание на „ХалкЕко Скопје Трча 10 км“ не беше само спортски настан, туку и важен момент за афирмирање на спортот и инклузивноста во општеството. Учеството на голем број тркачи, вклучувајќи и лица со телесен инвалидитет, ја нагласија важноста на овој настан како средство за социјална интеграција и промоција на здравиот начин на живот. Публиката која со ентузијазам ги поддржуваше учесниците, насмеаните лица на стартот и финишот, како и спортскиот дух што владееше на патеката, создадоа неверојатна атмосфера.

Организаторите, Сојузот на Спортови на Скопје, во соработка со АК Скопски Маратон и АК Работнички, уште еднаш ја потврдија својата улога во создавањето на настан кој ги обединува сите учесници и ги инспирира за понатамошен развој на спортските активности и позитивни промени во заедницата.

Се вчитува...