Еден од најдобрите македонски атлетичари Дарио Ивановски со соборен македонски рекорд ја почна новата 2020 година.
На една од најпознатите улични атлетски трки во Европа, „Сан Салвестре Ваљекана“ во Мадрид, Ивановски со време од 30:04 минути го сруши националниот рекорд на 10 километри за цели 51 секунда, кој претходно беше исто така во негова сопственост.
На трката на која имаше повеќе од 50.000 учесници, Ивановски заврши на 26. место во генерален пласман, а на третото место во својата возрасна категорија, под 23 години.
„Ова постигнување на Дарио е дефинитивно круна на годината во која тој ги оствари своите најдобри резултати во кариерата и секако одличен перформанс за првите настапи во сала кои започнуваат за една недела. Дарио во оваа олимписка година влегува со најголема самоувереност и во животна форма при што очекуваме уште подобри резултати и рекорди со кои ќе го трасираме патот до ЛОИ Токио. Од нашиот табор ветуваме одлични резултати и нови рушења на рекорди уште овој месец во неговите омилени дисциплини на 1.500 метри и 3.000 метри“ – вели тренерот на Ивановски, Игор Јакимовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА