Пелистер денеска од 14:30 часот гостува на Силекс во Кратово во 23. коло од ПМФЛ, во и тоа како значаен натпревар за бодови во битката за опстанок.
За тоа е свесен и капитенот на тимот, офанзивецот Мирко Ивановски.
„Влегуваме во последниот круг од сезоната, со тежок распоред во следните четири-пет кола. Но, нема што да загубиме, одиме во Кратово да освоиме бодови“ – вели Ивановски, кој се осврнува и на зборувањата последните денови за лошата атмосфера во тимот.
„Да, последните денови се зборува за атмосферата и хемијата во тимот. Може да кажам дека атмосферата во соблекувалната е на добро ниво, не можам да кажам дека е на најпосакуваното, затоа што резултатите не ни одат во прилог. Иако имавме неколку нерешени натпревари за нас се тие како пораз. Атмосферата е добра, но не е сјајна. Сепак, благодарност за ‘Чкембарите’ кои секогаш се со нас, и затоа очекувам еден натпревар во Кратово, отворено, кој ќе ни донесе нов момент и пресврт за целата сезона. Конечно да победиме и да дојдеме до три бода кои ни се многу важни за опстанок“.
Слично е размислувањето и на шефот на стручниот штаб на Пелистер, Милан Стојановски, кој вели дека очекува квалитетно издание од тимот денеска во Кратово и конечно бодови.
„Мислам дека имаме најтежок распоред во третиот круг од сите екипи. Одигравме добро три натпревари, но не успеавме да освоиме бодови колку што планиравме поради некои ситници, поради некои пропусти, но момците одлично се борат на терен и тоа апсолутно ми се допаѓа. Затоа очекувам повеќе спортска среќа и повеќе концентрација на следните натпревари и освојување бодови. Атмосферата меѓу играчите е одлична, капитенот Мирко Ивановски и Стефан Спировски се водечки тука, и знам дека до крај ќе направиме се за да избориме опстанок“ – вели Стојановски и дополнува:
„Силекс е една од најдобрите екипи во Македонија, и мислам дека сега не чека отворен натпревар. Бодовите ни се неопходни и сигурно ќе играме отворен фудбал, па се надевам дека од Кратово ќе се вратиме без пораз“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

