Дарио Ивановски се врати на атлетските патеки по паузата поради повреда и веднаш се закити со титулата – државен првак на 10.000 метри на првенството кое изминатиов викенд се одржа во Скопје.
Ивановски, кој е член на АК Делта, лесно и убедливо славеше на трката со време од 32:09.49 минути. Второто место го освои неговиот клупски колега од Делта, Атанас Анчевски а трет заврши Кокан Ајановски од АК Најк-ран.
Во женска конкуренција нашата најдобра атлетичарка Адријана Поп Арсова ја продолжува низата на фантастични резултати со кои лесно ги руши македонските рекорди во женска кокуренција.
Овојпат таа титулата државен првак ја закити и со нов државен рекорд кој сега изнесува фантастични 36:56.66 минути.Втора беше Виолета Ивановиќ, додека трета беше Маја Рајчина, сите три од АК Делта.
„Овој натпревар за нашиот клуб беше многу важен поради враќањето на Дарио, новиот државен рекорд на Адријана и секако потврдата за апсолутната доминација на нашиот клуб на долги патеки. Сезоната само што започна на натпревари на отворено на атлетска патека, а со овој натпревар нашите амбиции и поставени цели се на одличен пат да бидат остварени според посакуваното“ – вели тренерот на АК Делта, Игор Јакимовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА