Ивица Олиќ, нов тренер на ЦСКА Москва

Поранешниот хрватски голгетер Ивица Олиќ е изборот на раководството на ЦСКА Москва за нов тренер на рускиот гигант. Гончаренко доби отказ од функцијата по поразот на дербито со Зенит, а изборот на раководството на ЦСКА падна врз 41-годишниот Олиќ, кој беше дел од стручниот штаб на Златко Далиќ во репрезентацијата на Хрватска.

Олиќ нема посериозен тренерски ангажман откако ја заврши играчката кариера, но челниците на ЦСКА решија да му укажат доверба поради одличните игри во дресот на овој клуб во периодот од 2003 до 2006 година, кога рускиот гигант стигна до три титули во низа во руското првенство, но и до трофеј во Купот на УЕФА.

„Ивица Олиќ уште денеска ќе биде претставен на екипата, по што ќе го одработи и првиот тренинг. Добредојде дома“, објави ЦСКА на профилите на социјалните мрежи.

Хрватот ќе дебитира на клупата на ЦСКА против „фенерџијата“ Тамбов, а останува да се види дали и колку тој ќе успее да ја намали негативата во однос на лидерот Зенит која моментно изнесува осум бода.

Се вчитува...