Шкендија е доминантна во македонскиот фудбал оваа сезона, тимот на Ќатип Османи функционираше како швајцарски часовник, и иако секогаш тимскиот дух е најважен, сепак, не можат да се занемарат игрите на одредени поединци, кои секогаш откокнуваат од колективот. Во Шкендија, јасно е дека капитенот Ферхан Хасани и Бесарт Ибраими се фудбалерите кои секогаш умеат да ја направат разликата во однос на противникот.
Хасани беше повреден во дел од сезоната, но Бесарт Ибраими беше комплетен, голгетерски расположен, па покрај признанието за најдобар стрелец во Првата лига (23 гола), го добива и епитетот за играч на сезоната 2017/18 од ЕКИПА.МК.
И покрај тоа што е страв и трепет за противничките голмани, Бесарт Ибраими ги потенцира колективната игра и тимскиот дух како пресудни елементи за освојување на двојната круна на Шкендија оваа сезона.
„Се споија сите коцки оваа сезона. Шкендија покажа комплетна доминација, ги освои двете титули во Македонија, и сигурно дека овие остварувања на тимот ќе останат запишани во историјата, заедно со уште неколку рекорди кои ги поставивме. За тоа се заслужни сите во клубот, но секако мора да се потенцираат и вложувањата на спонзорот, без кој Шкендија не би била толку моќна. Бевме доминантни во првенството, исто така го освоивме и пехарот во Купот, и сега имаме обврска да се претставиме добро во квалификациите за ЛШ, а потоа и следната сезона повторно да ги одбраниме овие освоени трофеи“, истакнува Бесарт Ибраими во разговорот за ЕКИПА.
Не е лесно да се оствари хет – трик на еден натпревар, а камоли да се оствари хет – трик во трката за ’златна копачка’ во македонскиот шампионат.
„Морам да бидам искрен и да кажам дека ми годи фактот што токму јас постигнав вакво индивидално остварување, хет – трик за најдобар стрелец во македонското првенство. Но, и повторно ќе кажам, тоа немаше да биде можно без моите соиграчи, без добрите игри на целиот тим на Шкендија. Моја задача е да постигнувам голови, но секако дека за тоа ја имам поддршката од сите колеги, заедно со стручниот штаб“, вели Бесарт Ибраими.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА