„Се молат кошаркарскарските работници да помогнат во изборот на најдобри за 2018“.
Вака од прилика изгледаше повикот на МКФ за гласање на изборот што го организира федерацијата, а треба да биде заокружување на годината со награди на оние кои биле најдобри во кошаркарскиот спорт.
Само замислете кога на Оскарите, организаторот би ги повикал филмските работници да гласаат за најдобрите. Па има да гласаат сите неуспешни актери и актерки од Холивуд и пошироко, по некоја стриптизета што сака да ја има на филмови и по некој келнер со соништа за слава на големото платно.
Така и во нашата кошарка. Кои се кошаркарските работници или кошаркарската јавност? Што и значи овој повик на федерацијата?
Да гласаат ли сите што барем еднаш гледале кошарка на телевизија? Па кому може да му забраните да се чувствува како кошаркарска јавност или како кошаркарски работник?
И да, на овој начин можеме да продолжиме да правиме шеги на сметка на федерацијата. Но, во македонскиот спорт, ѓаволот одамна ја однесе шегата. Затоа и она малку што го имаме, би било добро да го наградуваме на вистинскиот начин.
Со вистински критериуми, со конкретно одредени личности кои гласаат и со прецизно утврден систем според кој се одредуваат кандидатите и лауреатите. Во таква ситуација веројатно Војдан и Бојан не ќе мораат да си ја делат наградата, а и да треба ќе имаме верба дека ете баш добиле еднаков број гласови.
Испраќање лист со по три празни графи за секоја категорија е далеку од сериозен пристап и го деградира изборот.
Со доделувањево награди во спортот се чини имаме генерален проблем во државава. Сите кои се нафаќаат на ова, да си утврдат конкретни критериуми за потенцијалните добитници, да си одредат конкретно кој и на каков начин гласа и конечно да зборуваме само за наградените и за тоа колку навистина биле добри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА