Полицијата во Грција издаде налог за приведување на сопственикот на ПАОК, Иван Савидис, како и четворица негови телохранители поради поседување на огнено оружје на стадион. Законот во Грција гласи дека е забрането да се носи огнено оружје на стадиони дури и од страна на полицијата и службите за обезбедување, со што односот на Савидис на дербито со АЕК уште повеќе добива на тежина.
Грчките власти најавија жестока битка против насилството во спортот, па интересно ќе биде да се види каква казна ќе добие Савидис, кој важи за еден од најмоќните бизнисмени кај нашиот јужен сосед.
Имено, газдата Савидис влета на терен откако беше поништен гол за својот тим при резултат од 0-0 во завршните минути од средбата. Савидис се појави на тревата со пиштол околу појасот и со своето лично обезбедување и тргна накај судијата со цел да се пресмета физички, а за среќа беше избегнат посериозен инцидент. Арбитрите го прекинаа мечот само неколку минути пред неговото завршување и речиси сигурно е дека истиот ќе биде регистриран со службена победа на АЕК.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА