Ансу Фати сезонава ќе настапува во Премиер-лигата, но не во дресот на Тотенхем чии директори го минаа вчерашниот ден во преговори со Барселона за ангажман на суперталентираниот напаѓач. Брајтон ќе биде новиот клуб на шпанскиот репрезентативец откако доцна синоќа беа договорени сите детали, а и самиот Фати прифати да настапува за тимот на Роберто де Зерби.
Договорот се однесува на едногодишна позајмица, а во него нема клаузула за откуп следното лето, што значи дека Фати ќе се врати назад во Барса, а потоа повторно ќе биде дискутирано за неговата иднина во клубот. Брајтон ќе ја покрие целосно платата што му следи според договорот со Барселона, со што Роберто де Зерби ќе добие уште еден млад и перспективен играч во своите редови.
Според шпанските медиуми, токму Де Зерби бил клучен фактор во преговорите во однос на Тотенхем. Италијанскиот стручњак во разговорот со Фати го убедил дека ќе има значајна улога во тимот и шанса уште повеќе да се развие како играч. Фактот дека Де Зерби веќе тоа го стори со неколку перспективни фудбалери на Брајтон бил пресуден за Ансу да даде зелено светло, прекинувајќи ги разговорите со Тотенхем и избирајќи го Брајтон за следна дестинација во кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

