Душан Лајовиќ е изненадувачкиот победник на АТП-турнирот во Бања Лука, откако српскиот тенисер по голема борба славеше над Русинот Рубљов со 2-1 во сетови.
Лајовиќ, кој во четвртфиналето го елиминираше главниот фаворит Новак Ѓоковиќ, повторно покажа одличен тенис, земајќи го скалпот на подобро рангираниот руски тенисер. Тој го доби првиот сет со 6-3, по што во вториот дел можеше да се проследи израмнета битка. Рубљов прв направи брејк, Лајовиќ се врати и израмни на 4-4, но Русинот ги доби последните гејма во сетот и израмни на 1-1.
Српскиот тенисер сепак беше далеку подобар во клучните моменти, со два брзи брејка стигна до предност од 5-1 во решавачкиот сет. Рубљов не се предаде, намали на 5-4, но Лајовиќ собра сили за во самиот финиш да победи и да се закити со трофејот.
Ова е само втора титула во кариерата на Душан Лајовиќ, по онаа во Умаг во 2019 година, кога во првото коло го совлада токму Рубљов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

