Фабијан Руиз ќе биде најновото засилување на Пари сен Жермен откако „светците“ начелно ги договорија сите детали за доаѓањето на шпанскиот репрезентативец од редовите на Наполи. Откако беше комплетиран трансферот на Ренато Санчез од Лил, погледите целосно се насочија кон Руиз, во кого директорот Кампос гледа идеално засилување за тимот на ПСЖ.
Наполи има проблем, Руиз има само уште една година од актуелниот договор, а сите обиди да се постигне продолжување на соработката паднаа во вода поради одбивањето на фудбалерот да ја продолжи верноста кон овој клуб. Реал Мадрид и Барселона го „меркаа“ овој одличен играч за врска како слободен трансфер за следното лето, поради што Де Лаурентис мора да реагира и да го продаде сега, за да не ризикува Руиз уште во јануари да потпише преддоговор и во јули да се врати во татковината.
Токму ваквите околности придонесуваат и вредноста на трансферот да не е премногу висока, па ПСЖ за сума од почетни 30 милиони евра би го комплетирала овој одличен трансфер.
Преговорите меѓу клубовите продолжуваат и за преселбата во обратен правец на Кејлор Навас, кој е најнова опција за „наполитанците“ за голманската позиција откако се искомпликуваа преговорите со Челси за Кепа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА