Женската фудбалска репрезентација на Македонија беше убедливо поразена од Србија (0-6) на вчерашниот квалификациски натпревар во Скопје. Селекторот Кирил Изов анализира дека освен квалитетот на ривалот, клучен момент е тоа што националниот тим во моментот уште не е подготвен да одигра стабилно два тешки квалификациски натпревари во низа.
„Откако слегнаа впечатоците после натпреварот против Србија, можам да кажам дека и покрај поразот, кој според мене и според повеќето што го гледаа натпреварот е нереален, не треба премногу да се разочаруваме. Пораз е пораз и како таков мора да го прифатиме и да извлечеме поуки. Факт е дека во моментов Србија е подобра во многу сегменти на фудбалската игра од нас, што не значи дека ќе беше ист резултатот ако влезеше во гол една од трите стативи што ги погодивме. Примивме два наивни гола на почетоците на првото и второто полувреме и после беше многу тешко да се вратиме во натпреварот. Исто така,мораме да бидеме реални и да признаеме дека во моментов не сме подготвени да играме два тешки натпревари за три дена бидејќи немаме таков широк ростер за ротација на играчи“, анализира селекторот на женскиот национален тим.
Сепак, триумфот над Казахстан треба да реперот како да се продолжи во иднина.
„Таргетот на овој собир за двата натпревари беше првиот дуел со Казакстан, кој го добивме, што значи дека ја остваривме целта. Победивме после шест години на еден натпревар, ја прекинавме црната серија и затоа не треба да бидеме разочарани. Оваа репрезентација се развива и ќе има уште убави моменти како со Казакстан“, истакнува Кирил Изов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА