Женската фудбалска репрезентација до 19 години триумфално го отвори настапот во квалификациите за Европското првенство.
На стартот на турнирот што се игра во Струмица, вчера беше совладана Грузија убедливо со 3-0.
„Со оглед на фактот дека ова ни беше прв натпревар на турнирот, тешко влеговме во него, но како одминуваше времето успеавме да наметнеме своја игра и она што претходно беше договорено девојките го исполнија и на крајот заслужено стигнавме до победата”, изјави селекторот Кирил Изов.
За нашите надежи нема многу време за одмор. Веќе в петок избраничките на Изов ги очекува новиот предизвик и соочувањето со Азербејџан.
„Наша цел на овој турнир е да се освои првото место што значи дека на секој натпревар одиме на победа. По дуелот со Грузија сега не очекува мечот против Азербејџан. Иако нашиот следен противник има статус на аутсајдер, мора да се потенцира дека во модерниот фудбал нема лесни натпревари. Секој противник си има своја тежина и квалитет. Имаме доволно време да ја анализираме играта на Азербејџан и верувам дека в петок повторно ќе радуваме на победа”, истакна предводникот на националниот тим.
Натпреварот со Азербејџан в петок почнува во 12 часот и ќе се одигра на стадионот Младост во Струмица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

