Лацио до вечерва би требало да го затвори тренерското прашање по заминувањето на Симоне Инзаги, потпишувајќи двогодишен договор со Маурицио Сари. Екс-стратегот на Наполи и на Јувентус минатиот месец беше поврзуван со Рома, но „волчицата“ во последен момент се премисли и го ангажираше Жозе Мурињо за тренер за новата сезона. Рим сепак делува како „судбина“ за Сари, откако по преселбата на Инзаги во Интер се поклопија коцките за тој да седне на клупата на „лацијалите“.
Агентот на Сари веќе имал неколку средби со претседателот Лотито, а за вечерва е закажана средба на тренерот со управата на клубот, на која треба да дојде и до потпис на договорот. Станува збор за двогодишна соработка во која Маурицио Сари ќе има загарантирана плата од три милиони евра по сезона, што во зависност од остварените резултати може да „скокне“ за уште еден милион евра.
Пиоли од Милан и Гасперини од Аталанта се единствените тренери од топ-клубовите во Италија кои се задржаа на клупите на своите екипи. Јуве го замени Пирло со Алегри, Интер по заминувањето на Конте го именуваше Симоне Инзаги за нов тренер, во Рома доаѓа Жозе Мурињо, додека Лучијано Спалети е новиот предводник на Наполи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА