Извонредни ѓорчепетровки: Четвртфинале во Европскиот куп! (ВИДЕО/ ФОТО)

Ракометарките на актуелниот македонски шампион, Ѓорче Петров, запишаа извонреден успех за својот клуб со пласман во четвртфиналето на Европскиот ракометен куп.

Ѓорчепетровки вечерва загубија минимално на гостувањето во Чешка, од Лазне Кинжварт со 34-33, но сето тоа беше повеќе од доволно за пласман меѓу осумте најдобри екипи во европскиот куп по победата на првиот натпревар во Скопје од 32-29.

Младите и перспективни ракометарки на Ѓорче Петров, без ниту една интернационалка во своите редови, а од клупата се предводено од Симе Симовски на најдобар можен начин ја крунисаа својата работа изминативе години на македонската ракометна сцена.

Најефикасни кај Ѓорче Петров со по шест погодоци беа Анастасија Николовска и Катерина Дамјаноска, по пет гола имаа Ангела Јанкуловска, Ана Марија Коларовска и Емилијана Ризоска. Одлични беа и двете голманки. Слободанка Кицеска натпреварот го заврши со 10 интервенции, а две помалку имаше младата Матеа Чурлиновска.

Овој пораз за Ѓорче Петров е всушност и прв за нив оваа сезона воопшто во сите натпреварувања, што доволно зборува за начинот на работа на екипата.

Се вчитува...