Кошаркарите на Работнички стигнаа до првата победа во 2. коло од разигрувањето во Суперлигата. Тимот од Градски парк славеше на домашен терен убедливо против Куманово со 87-69 (22-14,19-20,24-16,22-19).
Работнички до победата беше воден на крилјата на Ненад Мишановиќ кој до минатата сезона играше токму во Куманово. Мишановиќ мечот го заврши со „дабл-дабл“ ефект од 29 поени и 11 скока, дополнети и со две асистенции.
Уште во првата четвртина домашните создадоа предност со која најавија дека мислат единствено на победа. Во продолжението се одржуваше истиот ритам, за во третата четвртина дефинитивно да се направи недостижна предност од 15 поени.
Покрај Мишановиќ, во редовите на Работнички двоцифрени беа и Тасовски со 16 поени, Мираковски со 11 поени и Ефремовски со 10 поени. Во поразениот тим се издвоија Јаневски со 23 поени и Пековиќ со 14 постигнати поени.
Работнички има победа и пораз сега на стартот од Суперлигата, исто како и кумановци кои го запишаа првиот пораз.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА