Манчестер јунајтед бележи одлични резултати под водство на Оле Гунар Солскјер, но челниците на клубот ја продолжуваат потрагата по врвен стратег што во текот на летото би пристигнал на „Олд трафорд“ како перманентна замена за Жозе Мурињо. На листата со желби веќе извесно време се наоѓаат врвни стратези како Зидан, Покетино, Конте… но од денеска на неа се појави и името на Марко Росе, младиот и суперталентиран стратег што седи на клупата на Салцбург.
Станува збор за стручњак што минатото лето можевме да го видиме и во Скопје, откако со својот клуб рутински ја совлада Шкендија, елиминирајќи го македонскиот клуб од квалификациите за Лигата на шампионите. Атрактивниот фудбал што го игра Салцбург придонесе овој тим веќе да има предност од 14 бода во домашното првенство, а Росе се најде во фокусот на вниманието на неколку германски прволигаши.
„Црвените ѓаволи“ будно ја следат ситуацијата и се подготвени да седнат на маса и да разговараат со овој 42-годишен стручњак. Вудворд сака да ангажира тренер што би донел свежина во клубот, приоритет се уште му е Покетино, но доколку не успее да се договори со Тотенхем за овој стручњак, тогаш Росе би бил многу сериозна опција. Тој би заработувал многу помалку во однос на Зидан и Конте, а офанзивниот фудбал на кој инсистира е нешто што дефинитивно би им се допаднало на фановите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА