Ја загуби трката за титула во Холандија, па доби отказ од Ајакс

Франческо Фариоли повеќе не е предводник на Ајакс откако италијанскиот стратег доби отказ од тренерската функција по катастрофалниот финиш на сезоната во кој гигантот од Амстердам остана без шампионската титула. Ајакс имаше „плус девет“ во однос на ПСВ на пет кола до крајот, но тимот на Фариоли не успеа да ја задржи оваа огромна предност и на крајот заврши на втората позиција.

Италијанецот и претходно беше критикуван поради премногу дефанзивниот пристап на екипата, извесно време имаше заштита поради фактот дека тимот победуваше, макар и минимално, но кога резултатите се свртеа против него порасна и притисокот врз екс-тренерот на Ница.

Холандските медиуми тврдат дека спортскиот директор Бојкер и техничкиот директор Алекс Кроес имаше долги разговори со тренерот, барајќи од него да почне да игра поофанзивно. Не само што Фариоли не ги послушал сугестиите од своите „шефови“, туку и влегол во конфликт со нив околу трансферот на Душан Тадиќ, за кој Италијанецот јасно ставил до знаење дека не може да игра во неговите тактички замисли бидејќи не трча доволно за да помогне во фазата на одбрана.

На крајот, разделбата делуваше неминовна, па Фариоли доби отказ иако имаше уште една сезона од двогодишниот договор што го потпиша со Ајакс минатото лето.

Се вчитува...