Младинскиот репрезентативец на Хрватска, Халил Јагањац (19 г., 95 кг., 200 см), кој веќе десетина дена тренира со Металург, од денеска, по комплетирањето на документацијата, и официјално ги засили редовите на „металурзите“ на левата бековска позиција.
Се работи за суперталентиран млад ракометар, кадетски репрезентативец на Хрватска, кој се смета за еден од најдобрите млади ракометари на својата земја. Јагањац потекнува од риечкиот тим Козала, а во Металург доаѓа од францускиот гигант Пари Сен Жермен. Со Металург Јагањац потпиша тригодишен договор.
“Пред се, би сакал да кажам дека сум пресреќен што дојдов во Металург, бидејќи од повеќе причини сметам дека го направив најдобриот потег во мојата досегашна кариера. Иако сум овде само неколку дена, одлично сум примен од моите нови соиграчи и од управата на клубот и веќе можам да ја почувствувам семејната атмосфера што владее во овој клуб, што за мене е многу важно. Дојдов овде затоа што знам дека се работи за млада и амбициозна екипа, во која младите ракометари брзо и правилно се развиваат, екипа која игра во две, за мене, најсилни лиги на светот – Лигата на шампионите и СЕХА-лигата. Секако, една од најважните причини за моето доаѓање е и Лино Червар, кој е светски признат ракометен специјалист. Сметам дека ниту еден друг тренер не би можел повеќе да ме научи, да ме унапреди и да ме насочи во оваа фаза од мојата ракометна кариера. Металург навистина се потруди за да ме доведе во своите редови и затоа сум му многу благодарен на клубот и на неговата управа и му се радувам на секој ден минат во Металург и во Скопје“ – вели Јагањац за официјалната интернет страница на Металург.
“Задоволни сме што успеавме да го реализираме трансферот со еден од најмладите и квалитетни бекови шутери, токму каков што ни недостигаше во составот. Од поодамна го следиме Јагањац и сметам дека одлично ќе се вклопи во нашата млада и борбена екипа“ – истакнува и Лино Червар, тренерот на Металург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА