Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов би можел на крајот повторно да го облече дресот на полска Јагелонија. Според медиумите во таа земја, постои можност полската екипа одново да бара нова позајмица на Македонецот и за следната сезона.
Чурлинов беше дел од Јагелонија минатата сезона, каде што одигра одлична сезона и во полскиот шампионат, и во Европа. Одигра 43 меча, и постигна седум гола, запишувајќи и четири асистенции.
„Постојано сме во контакт со Дарко. Тој рече дека навистина сака да се врати. Не станува збор само за клубот, туку дека добро се чувствува кај нас. Има место за него во тимот“, рече претседателот на Јагелонија, Зимовит Дептула.
Во меѓувреме, вчера во турските медиуми се појави информација дека Ризеспор ќе се обиде да го ангажира сегашниот играч на Барнли во своите редови. Чурлинов има договор со англискиот тим на уште една година, но со оглед дека за него нема место во премиерлигашот, јасно е дека ова лето го очекува нов клуб. Исто така за него има интерес и од некои клубови од Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

