Јагуриновски броеше до 11, Пролет го победи Скопје

Пролет прокнижи нови бодови на суперлигашката табела откако избраниците на тренерот Лембанов славеа над градскиот ривал Скопје со убедливи 30-22. Ракометарите на Пролет имаа контрола на резултатот во текот на целиот меч, Скопје опасно се приближи кон средината на второто полувреме, но квалитетот и искуството на Пролет беа пресудни за овој тим да стигне до посакуваните бодови.

Цврстата одбрана беше заштитен знак на домаќините од самиот старт, Пролет поведе со 3-0, а Скопје првиот погодок го постигна во 9. минута, кога Бајрактаревиќ со помош на блокот го измами голманот Михаљевиќ. Домашните ракометари умешно го контролираа резултатот и на одмор заминаа со предност од 15-12, за потоа на стартот од вториот дел да поведат и со шест гола предност (19-13). Тогаш дојде до голем пад во играта на Пролет, на спротивната страна се разбрани голманот на Скопје, Радовановиќ, по што гостите дојдоа на само еден гол негатива (20-19). При овој резултат Скопје не реализираше напад заизрамнување, по што Пролет повторно презеде контрола, па домаќините предводени од Јагуриновски и од Палевски се одлепија и на крајот славеа со убедливи осум гола позитива.

Томи Јагуриновски го одигра својот најдобар меч во дресот на Пролет постигнувајќи 11 погодоци, а исто толку прецизен беше и Палевски, додека одлично издание прикажа и голманот Михаљевиќ со 13 успешни интервенции. Барјактаревиќ со седум погодоци беше најефикасен ракометар во таборот на Скопје.

Се вчитува...