Томи Јагуриновски уште од првиот меч покажа дека ќе биде огромно засилување за Пролет, откако македонскиот репрезентативец со шест гола ги предводеше стрелците на дуелот со Голден Арт.
Нашиот репрезентативец кој се наметнува како лидер во тимот на Лембанов не го крие задоволството што во првиот суперлигашки меч во дресот на Пролет веднаш се радуваше на триумф.
„Првите натпревари се секогаш тешки и можат да бидат непредвидливи, затоа и ние имавме проблеми да влеземе во ритам во првото полувреме. Сепак, мислам дека во второто полувреме го покажавме вистинското лице, заигравме многу подобро и поквалитетно и заслужено славевме. Голден Арт пријатно ме изненади со играта што ја прикажа, но ние си ја завршивме нашата работа и го заслуживме овој триумф“, истакна Јагуриновски за клупската веб-страница на Пролет.
Десниот бек сепак очекува многу потешка задача во второто коло, со оглед на фактот дека викендов во салата „Македонско Сонце“ ќе пристигне Еурофарм Пелистер 2, директен ривал во трката за што подобар пласман во групата.
„Едно е сигурно, ќе мораме да играме уште подобро ако сакаме да славиме над Еурофарм Пелистер 2. Овде пред се мислам на фокусираноста и ангажираноста, која моја да биде на максимално ниво во текот на сите 60 минути. Овој меч е од огромна важност и ќе сториме се за да стигнеме до триумф и да го продолжиме успешниот старт на сезоната. Оптимист сум дека ќе бидеме уште подобри во иднина, како што ќе одминува шампионатот“, вели Јагуриновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА